Monday, April 8, 2019

Вовед во предметот Методика на школско експериментирање (Школско експериментирање по физика)

Литература за предметот
1. Материјалите поставени на овој блог
2. Демонстрациони експерименти од проф. д-р Мирјана Јоноска
3. Актуелни и минати учебници по физика кои го обработуваат соодветниот материјал. Тоа значи за:
    - Методика на школско експериментирање 1, учебникот по физика за 1. и 4. година гимназиско образование
    - Методика на школско експериментирање 2, учебникот по физика за 2. и 3. година гимназиско образование
    - Школско експериментирање по физика 1 и 2, учебниците по физика за 8. и 9. одделение

Колоквиуми
Предвидено е да се реализираат три колоквиуми. Два се прават во текот на семестарот, а третиот во текот на испитната сесија, во терминот за испит.
Во текот на колоквиумот студентот треба да организира и реализира час со примена на експерименти. Ако студентот само ги изведе експериментите и ги објасни исправно добива оценка 6 (шест). Ако одржи традиционален час со изведување експерименти, студентот може да добие најголема оценка 7. За поголема оценка од 7, кандидатот треба да реализира современ час, во кој низ прашања, интеракција со учениците и  активности со експерименти, треба да ги доведе учениците до знаењата и одговорите. Се ценат:
- познавањето на физичките појави и нивно објаснување;
- знаењето на карактеристичните погрешни претстави на учениците (мисконцепциите) и нивно вградување во часот;
- квалитетот на поставените прашања, дали се тие суштински, дали ги наведуваат учениците на размислување и критичко мислење;
- организација на учениците, поделба во групи, распределба на активности;
- повеќе варијанти на еден експеримент и
- техничка изведба на експериментите.


Семинарски работи
Секој студент има обврска на крајот од семестарот да презентира еден експеримент или една демонстрација. Студентот треба да го подготви експериментот дома, со материјали кои може да ги најде во секојдневието.
Експериментот треба да биде опишан и образложен во текст кој треба да задоволува претходно дадени правила. Темплејт со правилата може да се најде ОВДЕ.

Положување на предметот
Сите оние кои ги положиле колоквиумите и ја презентирале семинарската работа го положиле предметот. Оценката се формира врз основа на оценките добиени на колоквиумите (75 % од оценката), од семинарската работа (15 %) и од активностите во текот на семестарот (10 %).